Власта и опозицијата во клинч околу европскиот пат
Додека премиерот Мицкоски тврди дека државата нема да прифати процес без гаранции за успех, лидерот на опозицијата Филипче оценува дека земјата пропушта историска можност за напредок кон ЕУ. Расправата повторно се фокусира на уставните измени и условите за продолжување на преговорите.

Нема цена што може да ме натера да влезам во авантура без извесен крај за преговорите со Европската унија. Ова е пораката на премиерот Мицкоски, ден по заминувањето на првиот човек на Европскиот совет, Кошта.
Во изминатите 26 години, многупати ни беа давани лажни ветувања, а ставовите на нашиот источен сосед само се радикализираа, рече Мицкоски, според кого евроинтегративниот процес е маратон, а не спринт. Тој ги повика граѓаните да се обединат околу политиките на Владата за ова прашање.
Нема дополнителни гаранции, нема дополнителни услови, единствени се уставните измени, сè друго е само измислица на власта, изјави опозицискиот лидер.
Филипче критикува дека ВМРО-ДПМНЕ дошла на власт со лаги дека ќе ја подобрат преговарачката позиција и ќе обезбедат гаранции кои, според него биле невозможни. Пред нас е, вели историска шанса за влез во европското семејство, ако ја испуштиме ќе останеме слепо црево на Балканот, изјави Филипче, кој повторно повика да се сподели одговорноста за носењето на уставните измени.
Социјалдемократите и натаму инсистираат на референдум за европскиот пат на државата.
Наташа Гркова-Петрушевска
