Договор за примирје

04.06.2026 10:49

Со посредство на Вашингтон, Израел и Либан се согласија за спроведување на прекин на огнот – клучен услов е разоружување на Хезболах...

Израел и Либан се договорија за примирје на целата либанска територија условено со запирање на нападите од страна Хезболах. Во Вашингтон, претставниците на двете страни потврдија дека се согласиле за безбедносни зони јужно од реката Литани без присуство на милитантните групи. Договорот предвидува и продолжување на директните разговори. Неколку часа по објавата, нови напади се регистрирани во Јужен Либан.

„Овој договор претставува олицетворение на одлуката на независната и суверена либанска држава“, изјави Нада Хамадех Моаву, амбасадорка ан Либан во САД.

„Оние кои можат да го прекршат прекинот на огнот се луѓе кои досега го поткопаа секое дипломатско достигнување меѓу двете земји, луѓе кои сакаат да сеат страв, закана што доаѓа од Иран, која стигнува до областа преку Хезболах“, изјави Јехиел Лајтер, амбасадор на Израел во САД.

„САД ја нагласија намерата да ги поддржат либанските вооружени сили со цел да се подобри нивниот капацитет и да се овозможи ефикасно остварување на суверенитетот низ целата либанска територија“, изјави Ден Холер, началник на кабинетот на Стејт департментот.

Во исто време, претседателот на САД изјави дека преговорите со Иран одат добро и рече дека е можен договор во текот на викендов. Техеран вчера објави дека нема никаков конкретен напредок во преговорите, додека нападите повторно се интензивираа во Персискиот Залив. Кувајт објави видеоматеријали од вчерашниот напад на меѓународниот аеродром.

„За се има причина. И ги погодивме доста силно претходната ноќ, а всушност и синоќа. Но, некои луѓе би рекле дека биле малку испровоцирани затоа што презедовме силна акција од друга причина. Значи, тие возвраќаа. И навистина, самите преговори поминаа многу добро. Може да се случи, ако се случи, а можеби и да не се случи, којзнае. Но, ако се случи, тоа може да биде во текот на викендот“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Претставничкиот дом на САД ја усвои Резолуцијата на демократите за воени овластувања која налага претседателот да ја запре воената акција против Иран. Слична резолуција претходно помина клучна процедурална фаза во Сенатот, по неколку неуспешни обиди. Нејзиното разгледување и можно усвојување во горниот дом на Конгресот се очекува во наредните денови. Според американскиот Устав, единствено Конгресот има овластување да објави војна.

Маријана Димовска