Израел и Либан се договорија за прекин на огнот
Зрак надеж на Блискиот Исток. Израел и Либан се договорија за спроведување на прекинот на огнот, но, услов е Хезболах да ги запре нападите и да ги тргне неговите оперативци од југот на земјата. Мирот во Либан е клучен дел од мозаикот што треба да донесе крај на војната меѓу САД и Иран. Позициите на Вашингтон и Техеран различни, иако Трамп навести дека викендов може да се случи напредок во преговорите.

Израел и Либан се договорија за примирје на цела либанска територија условено со запирање на нападите од страна на Хезболах и безбедносни зони јужно од реката Литани. Милитантната група го отфрли предлогот и рече дека секој можен договор мора да почне со целосно повлекување на израелските сили од либанска територија. На југот од земјата регистрирани нови напади.
„Овој договор претставува олицетворение на одлуката на независната и суверена либанска држава“, изјави Нада Хамадех Моаву, амбасадорка ан Либан во САД.
„Оние кои можат да го прекршат прекинот на огнот се луѓе кои досега го поткопаа секое дипломатско достигнување меѓу двете земји, луѓе кои сакаат да сеат страв, закана што доаѓа од Иран, која стигнува до областа преку Хезболах“, изјави Јехиел Лајтер, амбасадор на Израел во САД.
„САД ја нагласија намерата да ги поддржат либанските вооружени сили со цел да се подобри нивниот капацитет и да се овозможи ефикасно остварување на суверенитетот низ целата либанска територија“, рече Ден Холер, началник на кабинетот на Стејт департментот.
Во исто време, шефот на Белата Куќа изјави дека преговорите со Техеран одат добро, а договор е можен во текот на викендов. Претставничкиот дом на САД усвои Резолуција за воените овластувања која налага претседателот да ја запре воената акција против Иран.
„За се има причина. И ги погодивме доста силно претходната ноќ, а всушност и синоќа. Но, некои луѓе би рекле дека биле малку испровоцирани затоа што презедовме силна акција од друга причина. Значи, тие возвраќаа. И навистина, самите преговори поминаа многу добро. Може да се случи, ако се случи, а можеби и да не се случи, којзнае. Но, ако се случи, тоа може да биде во текот на викендот“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Техеран вчера објави дека нема никаков конкретен напредок во преговорите, додека нападите повторно се интензивираа во Персискиот Залив. Во порака за годишнината од смртта на основачот на Исламската Република, иранскиот врховен лидер, Хамнеи предупреди на дестабилизација одвнатре.
„Злобниот непријател, откако претрпе пораз од рацете на вооружените сили, а особено како резултат на соочувањето со одлучувачки удар и на бојното поле и на улиците, доживува длабоко и значајно понижување“, рече Мохамед Џавад Хаџ Али Акбари, водач на петочната молитва во Техеран.
Безбедносните прашања со фокус на последиците од ситуацијата на Блискиот Исток и конфликтот во Иран, една од темите и на состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ.
Маријана Димовска
