Извозот порасна за 7,1%, увозот за 6,1% во првите четири месеци од годинава
Македонската надворешнотрговска размена бележи раст во периодот јануари – април 2026 година. Според податоците на Државниот завод за статистика, извозот е зголемен за 7,1 отсто, а увозот за 6,1 отсто во споредба со истиот период лани. Најголем дел од трговијата е остварена со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија во периодот јануари – април 2026 година изнесува 171,6 милијарди денари, што претставува раст од 7,08 проценти во однос на истиот период од минатата година, покажуваат претходните податоци на Државниот завод за статистика.
Во истиот период, вредноста на увезената стока достигнала 243,6 милијарди денари и е повисока за 6,11 проценти во споредба со првите четири месеци од 2025 година.
Изразено во евра, извозот достигнал 2,78 милијарди евра, додека увозот изнесувал 3,95 милијарди евра. Во американски долари, извозот е проценет на 3,25 милијарди долари, а увозот на 4,62 милијарди долари.
Според структурата на извозот, најголемо учество имаат катализаторите со благородни метали, сетовите на проводници за возила, авиони и бродови, како и деловите за седишта. Кај увозот најзастапени се платината и металите од платинската група, нафтените деривати и моторните возила за превоз на лица.
Најголем обем на трговска размена земјава остварила со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија. Овие пет држави учествуваат со 50,4 проценти во вкупната надворешнотрговска размена, додека земјите членки на Европската Унија имаат удел од 58,3 проценти во вкупната размена на стоки.
