Статистика

Инфлацијата во мај на годишно ниво достигна 4,8%

08.06.2026 18:29

Трошоците на животот во мај годинава се зголемени за 0,6 проценти во однос на април, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Најголем месечен раст е регистриран во групата транспорт, додека на годишно ниво инфлацијата достигна 4,8 проценти.

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во мај 2026 година, во однос на претходниот месец, изнесува 0,6 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Најголемо зголемување на трошоците на животот е забележано во групата Транспорт, каде цените пораснале за 1,6 проценти. Следуваат Облека и обувки и Храна и безалкохолни пијалаци со раст од по 1 процент, Рекреација, спорт и култура со 0,9 проценти, како и Информации и комуникации со 0,7 проценти.

Раст на цените е регистриран и кај рестораните и услугите за сместување за 0,5 проценти, додека здравствената заштита и домувањето, водата, електричната енергија, гасот и другите горива поскапеле за 0,1 процент.

Од друга страна, намалување на трошоците на животот е забележано во групата Лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги за 0,4 проценти, како и кај покуќнината и опремата за домаќинствата за 0,1 процент.

На годишно ниво, односно во споредба со мај 2025 година, индексот на трошоците на животот бележи раст од 4,8 проценти, додека индексот на цените на мало е зголемен за 5,6 проценти.

Според статистичките податоци, индексот на цените на мало во мај 2026 година во однос на април изнесува 100,8.