Македонија

Зајакната координација меѓу ДИЖС и ЦУК за подобра заштита на животната средина

08.06.2026 18:22

Меморандумот предвидува редовна размена на информации и податоци, заеднички активности за превенција и рано предупредување, како и соработка во јакнењето на капацитетите на двете институции.

Државниот инспекторат за животна средина и Центарот за управување со кризи,  денеска  потпишаа Меморандум за соработка со кој се унапредува меѓуинституционалната координација во областа на заштитата на животната средина, управувањето со ризици и справувањето со кризни состојби.

Меморандумот предвидува редовна размена на информации и податоци, заеднички активности за превенција и рано предупредување, како и соработка во јакнењето на капацитетите на двете институции.

На потпишувањето присуствуваше министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, кој истакна дека ефикасната заштита на животната средина бара силна координација и навремена комуникација меѓу надлежните институции.

„Нашата цел е јасна – институциите да не работат изолирано, туку како еден систем. Систем што навреме препознава ризици, реагира побрзо и спречува поголеми последици по животната средина и здравјето на граѓаните“, истакна Хоџа.

Меморандумот опфаќа и соработка во подготовка и реализација на заеднички проекти, организирање обуки и размена на стручни искуства, како и активности насочени кон унапредување на техничките и институционалните капацитети на двете институции.Министерството за животна средина и просторно планирање останува посветено на поддршка на иницијативи кои водат кон повисоко ниво на заштита на животната средина.