Политика

Различни ставови на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за уставните измени и европската интеграција

08.06.2026 17:17

Од оној фолклор којшто сме навикнати да го слушаме, не видовме ништо поразлично – премиерот Мицкоски за новата програмска платформа на СДСМ. Вели партијата продолжува да биде мекото ткиво во македонскиот национален идентитет. Социјалдемократите со спротивен став, велат дека нудат борбата против корупцијата, подобар животен стандард и европската иднина за Македонија. Според нив земјата не смее да остане заглавена во национализам, популизам и политички манипулации.

Премиерот Мицкоски со критика до опозицијата, оценува дека од 32 конгрес на социјалдемократите не произлегува ништо освен како што рече фолклорот на кој јавноста е навикната. За нивниот став за евроинтегративниот пат на земјава, и спроведувањето на уставните измени, шефот на владата коментира дека претставуваат мекото ткиво на македонскиот идентитет.

СДСМ со дијаметрален став од премиерот, тврдат дека наместо поделби тие нудат визија за обединување околу државните интереси, економски развој, борбата против корупцијата и европските вредности преку поширок фронт за вистина и правда.

Од владејачката партија и денеска со нови обвинувања до СДСМ за како што велат нови предавства за македонскиот народ. Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат со што е уценет лидерот на социјалдемократите Филипче за да повикува на уставни измени.

 

Викторија Милевска