Последен училишен ден од учебната 2025-2026 година
Последното ѕвонче денеска означи почеток на летото за учениците, но и крај на уште една година во која образованието се обидува да фати чекор со времето … Училишните дворови полни со насмевки. Бројките и реформите со прашања - каде е македонското образование денес и каде сака да биде утре...

Ѕвончето означи крај на уште една учебна година. Учениците највозбудени, со нетрпение го чекаа распустот. Во училишните дворови насмевки, прегратки и планови за летните денови.
Зад нив остануваат нови знаења, оценки и спомени од училишните клупи. Следуваат речиси три месеци одмор, дружење и безгрижни летни денови.
Судејќи според насмевката на лицата на учениците денеска и немаше подобра вест од тоа дека почнува летниот распуст. Тестовите и домашните задачи одат на пауза на ред е играњето и дружењето.
„Од оваа година се воведуваат дигиталните свидетелства за учениците од прво до трето одделение, а од следната учебна година системот ќе се прошири и ќе премине кон целосно електронско издавање“, најави министерката за образование Јаневска.
За повеќе од 14.500 матуранти наставата заврши на 15 мај. На 11 јуни ќе се полага задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик, а кандидатите за државна стручна и државна уметничка матура испитот ќе го полагаат на 12 јуни, додека изборниот екстерен предмет го полагаа на 6 јуни.
На крајот од учебната година, Јаневска искоментира и за високото образование. Според платформата академско рангирање на балканските универзитети, универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е најдобро рангирана високообразовна институција во земјава а професорот Сашко Кедев е највисоко рангираниот македонски научник. Сепак рангирањето покажува значителен јаз во однос на водечките регионални институции.
Додека УКИМ располага со околу 400 илјади цитати, универзитетот во Загреб има повеќе од 4,6 милиони цитати, а универзитетите во Белград и Љубљана повеќе од два милиони. Ресорната министерка оцени дека високото образование во земјава со години заостанува зад регионот но посочи дека се спроведуваат законски и финансиски реформи за подобрување на состојбите.
Ана Јосифоска
