Продолжуваат нападите меѓу Иран и САД
Продолжуваат нападите меѓу Иран и САД.Трамп го обвини Техеран за застојот во преговорите, од исламската република велат дека нема да попуштат под американски притисок. 22 држави, САД, Австралија и повеќето европски нации, како и Македонија бараат Иран да ги запре нападите во странство. Во заедничка изјава, потписничките ги осудија иранските разузнавачки служби кои ангажирале меѓународни криминални групи да извршуваат напади врз еврејските заедници, да спроведуваат атентати, киднапирања и застрашувања во светот...

Блискиот Исток, втор ден под оган. САД извршија воздушни напади врз Иран, откако претседателот Трамп предупреди дека Техеран ќе плати висока цена за застојот во преговорите за трајно завршување на војната. Тројца индиски морнари се убиени од американска ракета во близина на Оман, потврдува индиската влада. САД соопштија дека нивниот авион ја погодил машинската просторија на танкерот додека транзитирал низ Оманскиот Залив.
„Претседателот Трамп е подготвен да се врати и да се бори доколку е потребно, но му даде отворена рака на Иран за да го склучи овој договор. Ако треба да преговараме со бомби, ќе преговараме со бомби и сме многу добри во тоа. Никој не е подобар во светот“, изјави Пит Хегсет, секретар за одбрана на САД.
Како одговор, Иран почна серија напади насочени кон американските воени бази во Бахреин и Кувајт. Корпусот на Исламската револуционерна гарда соопшти дека истрелале балистички ракети кон американскиот команден центар во Јордан.
„Секоја закана упатена од Трамп беше дочекана со силна шлаканица од наша страна. Докажавме дека од на 13 јуни 2025 година, одговоривме пропорционално на заканите. Одговоривме со поголема сила, поинтензивно и посилно“, изјави Аболфазл Шекарчи, портпарол на Иранските вооружени сили.
Советот за соработка во Заливот, ги осуди ирански воздушни напади и вели дека бруталната иранска агресија не создава стабилност ниту гради односи.
„Она на што Бахреин и братската држава Кувајт беа подложени, бруталната иранска агресија со беспилотни летала, е новата епизода во овој агресивен став. Ова е жестоко кршење на суверенитетот на земјите и одлуките за меѓународен легитимитет и е во спротивност со она што го бара нашата исламска вера, преку отфрлање на непријателствата и крвопролевањето“, изјави Абдулатиф бин Рашид Алзајани, министер за надворешни работи на Бахреин.
Демократите во Сенатот со критики за акциите на претседателот Трамп, Обединетите нации предупредија дека ескалацијата на нападите и реториката ризикуваат да го воведат Иран и регионот во целосна војна.
„Сите закани за националниот суверенитет и територијалниот интегритет се прекршувања на меѓународното право. Во исто време, ограничувањата на правата и слободите за навигација, во и околу Ормускиот теснец, предизвикуваат тешкотии и нестабилност низ светот“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.
Вашингтон инсистира на отворање на Ормускиот проток и Иран да нема нуклеарно оружје. Од друга страна, иранските власти тврдат дека нивната нуклеарна програма има мирољубив карактер и нема да се откажат од правото на научен и технолошки развој.
Маријана Димовска
