Македонија

Не се исклучува можноста од предвремени избори

11.06.2026 17:26

По реконструкцијата на партијата, на ред доаѓа и реконструкцијата на владата. Мицкоски најавува разговори со коалициските партнери, а не ја исклучува ниту можноста за предвремени избори. СДСМ тврди дека власта брза затоа што ѝ снема пари …

По освежувањето на партиските редови со нови кадри, за кои Мицкоски очекува да работат за доброто на државата, ВМРО-ДПМНЕ идната недела ги почнува разговорите со коалициските партнери за реконструкцијата на Владата.

Премиерот вели дека прво ќе разговараат за тоа дали им се поклопуваат визиите, а потоа за кадровски решенија. Во меѓувреме, Мицкоски навести и дека парламентарни избори можат да се случат наскоро – иако власта преферира да истурка цел четиригодишен мандат, сепак, не се исклучува опцијата и за предвремено изборно соочување.

Мицкоски од позицијата дека „ќе нема избори“ стигна до „избори многу скоро“, велат од СДСМ, од каде што сметаат дека на власта и снемува пари и затоа се подготвува за предвремени парламентарни избори.

„Додека имаше пари и можност да се задолжува, Мицкоски тврдеше дека избори ќе нема. Сега, им снемува пари, не може да ја задолжува државата и граѓаните колку што сака, па одеднаш изборите вели дека се „многу скоро“.Тоа на сите им е јасно“, велат од опозициската СДСМ.

Александра Спировска