САД и Иран пред договор
САД и Иран се поблиску до конечен договор за крај на конфликтот. Условите за нуклеарната програма на Иран ќе бидат финализирани во рок од 60 дена по постигнувањето на почетниот договор...

По денови неизвесност и закани, дипломатијата е во офанзива – САД и Иран се сè поблиску до договор за отворање преговори за крај на конфликтот. Шефот на иранската дипломатија вели дека првата фаза би опфатила меѓусебно почитување на суверенитетот, олеснување на санкциите и економски прашања, како и отворање на Ормутскиот теснец во замена за укинување на американската блокада, додека нуклеарното прашање се остава за втора фаза. Според него, условите за нуклеарната програма би се финализирале во рок од 60 дена по првичниот договор, кој би можел да биде потпишан во следните неколку дена.
„Овие преговори, кои ќе доведат до крај на војната, се одвиваат во две фази. Првата фаза е потпишување Меморандум за разбирање меѓу Иран и САД. Додека нуклеарното прашање останува за втората фаза, која ќе биде најтешка и за која се предвидени 60 дена преговори“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Иранската страна инсистира дека високо збогатениот ураниум ќе остане во земјата и ќе се обработува исклучиво во Иран. Од Вашингтон, пак, велат дека економските придобивки нема да бидат автоматски, туку ќе зависат од исполнување на обврските.
„Иранците не добиваат никакви средства само за потпишување договор. Ако ги исполнат своите обврски, тогаш ќе следат економски придобивки“, објави Џеј Ди Венс, потпретседател на САД.
Пакистан потврди дека е постигнат конечен, договорен текст на мировниот договор и дека работи со двете страни на следните чекори.
„Можеме да потврдиме дека е постигнат конечен, договорен текст на мировниот договор. Мирот никогаш не бил толку блиску како што е сега“, објави Шехбаз Шариф, премиер на Пакистан.
Сепак, на терен и натаму тензии. Американската војска јавува за соборени ирански дронови во близина на Ормускиот теснец насочени кон комерцијални бродови.
„Американските сили ги соборија сите. Меѓународниот трговски коридор останува отворен за транзит“, објави Централната команда на САД.
Додека заглавените бродови чекаат повторно отворање на теснецот, Европа со поддршка за дипломатскиот процес.
„На Блискиот Исток ја делиме истата посветеност – решавање на конфликтите преку дипломатија. Се надевам дека овој процес наскоро ќе доведе до договор меѓу САД и Иран кој мора да биде цврст, особено во однос на нуклеарните и балистичките прашања, но и да придонесе за регионална стабилност и безбеден сообраќај во Ормускиот теснец“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
И покрај напредокот во преговорите, останува неизвесно дали двете страни ќе ги надминат разликите околу клучните прашања и дали договорот навистина ќе биде финализиран во следните денови.
Бојана Крстевски
