Светот чека траен мир на Блискиот Исток
САД и Иран најавија крај на непријателствата и враќање на слободната пловидба низ Ормускиот теснец. Иако договорот е поздравен од голем дел од меѓународната заедница, отворени остануваат клучните прашања за санкциите и иранската нуклеарна програма.

По месеци закани и стравувања од поширок регионален конфликт, САД и Иран постигнаа договор за прекин на непријателствата кој треба да биде потпишан в петок во Женева и веднаш потоа да стапи во сила. Пакистан, како посредник, ќе биде домаќин на церемонијата за потпишување.
„По интензивните разговори, со задоволство објавуваме дека е ПОСТИГНАТ мировниот договор меѓу САД и Иран. Двете страни прогласија моментално и трајно прекинување на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан“, објави Шехбаз Шариф, премиер на Пакистан.
САД ќе ја укинат поморската блокада врз иранските пристаништа, а Ормускиот теснец повторно ќе биде отворен и бесплатен за меѓународен сообраќај – соопшти Трамп. Додава дека договорот ќе придонесе за стабилност и непречен проток на нафта кон светските пазари.
„Договорот со Иран е завршен. Честитки до сите! Со ова го одобрувам отворањето на Ормускиот теснец без такси и укинување на поморската блокада на САД. Бродови од целиот свет, подгответе се за пловидба. Нека потече нафтата!“, објави Доналд Трамп, претседател на САД.
САД и Иран изнесоа спротивставени тврдења за следните чекори по потпишувањето во петок. Договорот е потврден и од Техеран, но оттаму велат дека засега е усогласен само текстот на меморандумот за разбирање. Остануваат отворени прашања околу нуклеарната програма, а преговорите велат-ќе почнат по ослободување на замрзнатите средства и отворање процес за целосно укинување на санкциите, што Вашингтон го отфрла.
„Засега е финализиран само текстот на меморандумот за разбирање. Обврските ќе стапат во сила по формалното потпишување. Немаме доверба во другата страна, затоа спроведувањето е исклучително важно. Ќе го следиме исполнувањето на обврските на САД и следната фаза од преговорите“, рече Казем Гарибабади, заменик-министер за надворешни работи на Иран.
Светските лидери и меѓународната заедница со различни реакции на договорот. Израел се спротивставува на повлекувањето на своите сили од Либан, додека Велика Британија, Франција, Германија и Италија порачаа дека се подготвени за укинување на санкциите доколку Иран преземе проверливи чекори во својата нуклеарна програма.
„Од витално значење е сите страни да ја искористат оваа можност за стабилност во регионот и враќање на слободата на пловидба низ Ормускиот теснец. Ќе работиме со партнерите за овој договор да се претвори во траен мир“, изјави Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.
„Оружјето сега мора да се смири, а нерешените разлики мора да се решат во согласност со меѓународното право“, изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.
„На сите им е потребно Ормускиот теснец да биде отворен и оваа војна да престане. Договорот е добредојден и се надеваме дека ќе трае“, изјави Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешни работи.
Поранешниот американски претседател Обама, пак, се сомнева дека новиот договор ќе биде значително подобар од оној од 2015, постигнат за време на неговата администрација. По објавата на веста, цените на нафтата паѓаат, а берзите растат. Аналитичарите предупредуваат дека клучниот тест ќе биде неговата имплементација во наредните месеци.
Бојана Крстевски
