Обвинетите полицајци во „Пулс“ негираат вина
Во Кривичниот суд во Скопје започна постапката против деветмина полициски службеници обвинети дека со неизвршување на службените обврски, придонеле објектот „Пулс“ да добие лиценца за работа. На првото рочиште тие се изјаснија дека не се виновни за делата што им се ставаат на товар.

Во Кривичниот суд во Скопје се одржа првото рочиште против деветмината полициски службеници, обвинети во случајот „Пулс“. Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција ги терети за кривично дело-злоупотреба на службената положба и овластување.
Покоректно, според обвинението, тие во период од една година, не ги извршувале потребните дејствија и неопходни проверки, со цел заштита на јавната безбедност, а кои биле неопходни за објектот „Пулс“ да добие лиценца за работа.
Од Обвинителството велат дека полициските службеници не направиле соодветни проверки во однос на евиденцијата за нарушување на јавниот ред и мир и во однос на контролата на терен, која се однесувала на сообраќајните решенија, односно безбедноста во сообраќајот.
На првото рочиште, сите деветмина обвинети се изјаснија дека не чувствуваат вина за кривичните дела кои им се ставаат на товар. Дел од одбраната, обвини за селективна правда.
Против полициски службеници во случајот „Пулс“ се водат три одвоени постапки, согласно три различни категории на обвиненија.
Марија Котовска
