Турска компанија за производство на автоделови ќе гради фабрика во ТИРЗ Тетово
Турската компанија за производство на автоделови „Џаво отомотив“ ќе гради фабрика во индустриската зона во Тетово. Предвидено е да инвестира околу 20 милиони евра и да отвори повеќе од 400 работни места...

Турската компанија за производство на автоделови „Џаво отомотив“ ќе гради фабрика во индустриската зона во Тетово. Предвидено е да инвестира околу 20 милиони евра и да отвори повеќе од 400 работни места. Македонија повторно е атрактивна дестинација на странските компании што носат нови технологии – вели премиерот Мицкоски, имаат доверба во македонската економија.
„Целокупното производство на контролни кабли од Турција и Словачка ќе се реализира во Тетово, што е потврда за довербата на инвеститорот во македонската економија, нашата работна сила и за деловната клима“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на Владата.
Од Тетово ќе се произведува безбедносни системи, оперативни кабли – автомобилски компоненти за светски познати брендови. Новата фабрика предвидено е да почне да работи во септември и да придонесе за економски развој на полошкиот регион.
„Како Министерство за економија и труд наш приоритет е да обезбедиме услови за одржлив економски раст преку поддршка на инвестиции кои создаваат додадена вредност, генерираат извоз и отвораат добро платени работни места“, изјави Бесар Дурмиши-министер за економија и труд.
„Со овој инвестициски проект ќе се креира годишен извоз 45 милиони евра годишно, ова јасно укажува дека компанијата има амбициозни планови за раст и развој во Македонија“, изјави Гоце Димовски, претседател на ТИРЗ.
Компанијата на пазарот е присутна повеќе од четири децении, а производствени капацитети освен во Турција има и во централна Европа.
Новата фабрика предвидено е да реализира годишен извоз од 45 милиони евра. „Џаво Отомотив“ произведува автомобилски компоненти за светски познати брендови во автомобилската индустрија.
Андријана Ѓурческа
