Народна банка

Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот останува 2 процента

17.06.2026 11:41

Како што соопштуваат од Народната банка, одлуката е донесена врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, според податоците заклучно со првиот квартал од 2026 година.

Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во земјава да остане на истото ниво од 2 процента.

Како што соопштуваат од Народната банка, одлуката е донесена врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, според податоците заклучно со првиот квартал од 2026 година.

Оваа стапка ќе важи од третото тримесечје на 2027 година и се оценува дека таа е соодветна на тековните макрофинансиски услови и на состојбите во банкарскиот систем. На кредитниот пазар и натаму има солидна кредитна активност, но банкарскиот систем е добро капитализиран и ликвиден, со задржана стабилност и отпорност на шокови. Тоа е видливо и преку ниската стапка на нефункционални кредити, којашто и натаму опаѓа, и преку солидната профитабилност,  информира Народната банка.

Одлуката за задржување на истата стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот наведиваат дека е поддржана и од построгите макропрудентни мерки за квалитетот на кредитната побарувачка. Тие се во примена од крајот на претходната година, а во првото тримесечје од 2026 година се забележуваат првичните влијанија преку подобрата структура на новите кредити од аспект на кредитните стандарди применети од страна на банките.

Ваквата поставеност на макропрудентните мерки би придонела за ограничување на системските ризици во следниот период и за натамошно задржување на стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор. Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и редовно, на квартална основа, ќе ја преоценува висината на стапката – велат од Народната банка.