Енергетика

Средба Божиновска – Попов

17.06.2026 20:18

На средбата беше истакнато дека современите предизвици во енергетскиот сектор, енергетската транзиција и одржливото управување со минералните суровини бараат силна поврзаност помеѓу институциите кои ги носат политиките и академската заедница која располага со долгогодишно знаење и искуство...

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со академик Живко Попов, претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), на која беше разговарано за воспоставување поинтензивна соработка меѓу Министерството и највисоката научна институција во државата во креирањето на стратешките политики во областа на енергетиката, рударството и минералните суровини.

На средбата беше истакнато дека современите предизвици во енергетскиот сектор, енергетската транзиција и одржливото управување со минералните суровини бараат силна поврзаност помеѓу институциите кои ги носат политиките и академската заедница која располага со долгогодишно знаење и искуство.

Министерката Божиновска нагласи дека досегашната успешна соработка помеѓу Министерството и МАНУ, особено во подготовката на стратешките документи за развој на рударскиот сектор, претставува пример дека Македонија располага со врвни домашни експерти кои најдобро ги познаваат состојбите, потенцијалите и потребите на државата.

„Мој личен и професионален став е дека Македонија има силен академски и стручен потенцијал кој треба многу повеќе да се искористи во креирањето на националните политики. Наместо да бараме решенија надвор, треба да покажеме дека имаме свои професори, академици и експерти со огромно искуство, кои можат да придонесат во изработката на стратешките документи и развојните планови за нашата држава. На тој начин градиме политики засновани на домашно знаење, практично искуство и национален интерес“, истакна министерката Божиновска.

Во разговорите беше потенцирана и можноста за поинтензивна соработка со Одделот за технички науки при МАНУ, особено во делот на енергетиката, со цел научните достигнувања и експертските анализи уште поактивно да бидат вклучени во натамошното обликување на долгорочните развојни правци на македонскиот енергетски сектор.

Како што беше нагласено на средбата, енергетиката денес се развива со исклучително брзо темпо, а новите технологии и европските трендови отвораат прашања кои до пред неколку години не биле предмет на националните политики. Новиот Закон за енергетика воведува современи решенија и области кои досега не биле целосно регулирани во домашното законодавство, меѓу кои батериски системи за складирање на електрична енергија, паметни и модерни мрежи, развој на електромобилноста, нови модели на производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија, како и интеграција на современи технологии во енергетскиот систем. Воедно, Македонија ќе има и нов закон за обновливи извори на енергија, а значајни развојни процеси се одвиваат и во областа на енергетската ефикасност.

Во тој контекст, беше оценето дека е особено важно научната и стручната јавност активно да придонесува во следењето на современите трендови и нивното соодветно вградување во долгорочните политики и развојни насоки на македонскиот енергетски сектор.

Министерката Божиновска и академик Попов се согласија дека соработката меѓу институциите и научната заедница треба да биде континуиран процес, кој ќе придонесе кон носење квалитетни и одржливи решенија, засновани на домашно знаење, научни аргументи и експертски капацитети, во интерес на развојот на македонската енергетика, рударство и минерални суровини.