Блиски Исток

САД и Иран, со посредникот Пакистан, порано од предвиденото ставија потпис на Меморандумот за постигнување траен мировен договор

18.06.2026 16:52

САД и Иран, со посредникот Пакистан, порано од предвиденото ја потпишаа изјавата за намери со што официјално почнува процесот за постигнување траен мировен договор. Техеран откажа присуство на формалната церемонија што беше закажана за во швајцарија. Документот овозможува повторно отворање на Ормускиот теснец, запирање на поморската блокада на иранските пристаништа и преговори за иранската нуклеарна програма во период од 60 дена. Сепак и двете страни се заканија дека може повторно да го употребат оружјето доколку договореното пропадне …

Претседателите на САД и Иран и премиерот на Пакистан како посредник, ја потпишаа изјавата за намери, со што официјално почнува процесот за постигнување траен мировен договор меѓу Вашингтон и Техеран. Портпаролот на иранското МНР објави дека решиле да не присуствуваат на официјалната церемонија закажана за во Швајцарија.

„Беше закажан состанок во Швајцарија за официјално потпишување на текстот од двете страни. Во текот на изминатите 24 часа го разгледавме ова дополнително и на крајот заклучивме дека е подобра идеја текстот да биде потпишан од претседателите на двете земји без физички да присуствуваат на одредено место. Исто така, мислам дека одржувањето церемонија не е многу соодветно“, изјаци Есмаил Багнеи, портпарол на МНР на Иран.

САД повторно би можеле да го бомбардираат Иран ако не се склучи конечен договор, дециден е претседателот Трамп. Шефот на Белата Куќа вели дека најверојатно силите на САД нема да бидат уште долго во регионот на Заливските земји. И спикерот на иранскиот парламент и главен преговарач истакна дека недовербата во САД останува, а прстите на Иранците се на чкрапалото.

„Не сме размислувале за тоа. Навистина, веројатно уште некое време. Тоа е добро место за престој. Прашањето беше колку долго ќе ја оставите војската во Заливот? Би рекол малку. Ќе видиме како ќе оди се. Мислам дека ќе помине добро, но ќе видиме“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Договорот меѓу Вашингтон и Техеран предвидува повторно отворање на Ормускиот Теснец, фонд за обнова на Иран од 300 милијарди долари и укинување на американските санкции и одредби за обезбедување на територијалниот интегритет на Либан … За иранската нуклеарна програма ќе се преговара во следниот 60-дневен период. Од МААЕ одбија да шпекулираат за можни аранжмани за намалување на нивоата на збогатување на ураниум во Иран.

„Веруваме дека фактот, неопходната улога на Меѓународната агенција за атомска енергија е признаена и е здрава појдовна точка, а сега на нас е да седнеме со нашите американски колеги, нашите ирански колеги и да почнеме да ги формулираме конкретните чекори што ќе треба да се преземат“, изјави Рафаел Гроси, генерален секретар на МААЕ.

САД и Израел ја почнаа војната против Иран на 28 февруари, уште првиот ден беше ликвидиран врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи и врвни воени функционери.

Маријана Димовска