Енергетика

МЕРМС: Година на реформи и инвестиции за посигурна енергетска иднина

19.06.2026 12:53

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека во изминатата година реализирало обемна реформска и инвестициска агенда, со фокус на енергетската безбедност, зелената транзиција и инфраструктурниот развој.

Во периодот од јуни 2025 до јуни 2026 година, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини спровело над 700 домашни и меѓународни активности, меѓу кои носење на нов Закон за енергетика, усвојување на Интегрираниот национален план за енергија и клима и почеток на изградбата на гасната интерконекција со Грција.

Од Министерството посочуваат дека по 13 години повторно е ставен во функција продуктоводот Солун-Скопје, а земјава станала дел од регионалниот проект „Вертикален коридор“. Истовремено, биле поддржани обновливите извори на енергија и воведени мерки за подобра енергетска ефикасност.

Министерката Сања Божиновска оцени дека станува збор за „година на резултати“, во која биле поставени темели за сигурна, модерна и европска енергетска иднина на државата. Според Министерството, реализирана е и директна поддршка за граѓаните преку ваучери за инвертер-клими и помош за ранливите потрошувачи.