Култура

„Скопско лето 2026“ почнува со изложба за 75 години Државен архив и концерт „Аманет во свила“

19.06.2026 19:05

Со изложба посветена на 75-годишнината од Државниот архив и концертот „Аманет во свила: Звуците на Македонија од Византија до денес“, вечерва свечено ќе биде отворено 47. издание на фестивалот „Скопско лето“.

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје го објави дигиталниот каталог на фестивалот „Скопско лето 2026“, кој во наредните 40 дена ќе понуди богата културна програма.

Фестивалот ќе биде отворен во Музеј на македонската борба за самостојност со изложбата „75 години Државен архив на Република Северна Македонија“, на која преку архивски документи ќе бидат претставени значајни сегменти од македонската историја и културно наследство.

Во рамки на свеченото отворање ќе се одржи и концертот „Аманет во свила: Звуците на Македонија од Византија до денес“, авторски проект на Петар Христов, во изведба на Камерниот гудачки оркестар „Полифонија“ и повеќе гостински музичари. Концертот нуди спој на традиционална македонска музика, византиски мотиви и современ музички израз.

Организаторите најавуваат дека и годинава „Скопско лето“ ќе донесе разновидни културни содржини на повеќе локации низ главниот град.