Владата ги стега обрачите околу маркетите
Премиерот Мицкоски со јасна порака – граѓаните беа толерантни, кризата се смири, цените на основните производи да се намалат. Доколку нема корекција на цените, можно е владата да преземе дополнителни мерки.

На една страна владата, на друга трговците. На маса – цените. Владата ги стега обрачите околу маркетите. Премиерот Мицкоски со јасна порака – граѓаните беа толерантни, кризата се смири, цените на основните производи да се намалат.
Првиот човек на владата викендов им порача, инспекциите будно ќе го следат однесувањето на трговските синџири. Доколку нема корекција на цените можно е владата да преземе дополнителни мерки. Според него, заштитата на животниот стандард останува приоритет, а очекувањата се трговците да покажат фер однос кон потрошувачите во услови кога секое ново поскапување директно удира по семејниот буџет.
Владата пред неколку дена најави дека ќе се бара почитување на законот за нефер трговски практики и ги повика компаниите да пријавуваат злоупотреби. Се подготвуваат и нови законски измени кои предвидуваат до 10 пати повисоки казни, засилени инспекции и контроли и подобра регулација на односите меѓу маркетите и добавувачите.
Инфлацијата и натаму е меѓу главните економски предизвици, храната останува најголем удар врз семејниот буџет. Борбата со високите цени продолжува.
Ана Јосифоска
