Мицкоски: Целта е инфлацијата и цените на основните производи да останат под 3%
Владата започна разговори со најголемите трговски синџири во земјава во обид да го ограничи растот на цените и да ја задржи инфлацијата под три проценти. Премиерот Христијан Мицкоски најави средби и со добавувачите и производителите, а порача дека доколку нема намалување на цените на основните прехранбени производи, Владата ќе преземе мерки.

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека вчера во Владата била одржана работна средба со претставници на најголемите трговски синџири во земјава, посветена на справување со инфлацијата и растот на цените на основните прехранбени производи.
Во објава на Фејсбук, Мицкоски наведе дека во наредниот период ќе следуваат средби и со добавувачите и производителите со цел заеднички да се придонесе годишната инфлација и цените на основните производи во јули да останат под три проценти.
Тој истакна дека Владата останува посветена на спроведување мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и обезбедување поголема економска сигурност.
Пред средбата, премиерот изјави дека кризата завршува и дека граѓаните покажале доволно трпение, поради што, како што рече, сега е ред на трговците, дистрибутерите и производителите да придонесат со намалување на цените, особено на основните прехранбени производи.
Мицкоски порача дека не прифаќа оправдувања и изговори за евентуално ненамалување на цените и предупреди дека Владата ќе реагира доколку во следните денови не се забележи соодветен одговор од маркетите, дистрибутерите и производителите.
