Топлотниот бран се засилува, вклучен црвен аларм
Нема војна, нема невреме, а сепак – жртвите растат. Европа гори под екстремен топлотен бран што руши рекорди и ги става здравствените системи на тест. Над 40 степени, црвени аларми, прекини на струја и сè повеќе предупредувања дека ова е новата реалност.

Високи температури жежат низ Европа. Стотици рекорди се урнати, а уште многу ќе се соборат со засилувањето на топлината до крајот на неделава. Се очекуваат температури над 40 степени во многу градови. Франција, во епицентарот на екстремните услови. Најмалку 40 лица се удавија барајќи спас од топлината од 18 јуни до вчера.
„Излегуваме само да купиме вода во климатизирана продавница, а потоа се враќаме директно на работа. Практично одиме само од едно до друго климатизирано место“, рече жител од Франција.
„Не останувам долго надвор на оваа жештина. Бев само во библиотеката на работа и бидејќи таму е навистина посвежо, го искористив ладниот воздух и сега се враќам дома“, изјави друг жител.
Црвен аларм воведен и во Шпанија, Белгија, Германија и Италија. Делови од Милано останаа без струја поради преоптоварување од клима-уреди. Локалните власти ја оценија ситуацијата како неприфатлива.
„Пет часа без струја, вистинска ноќна мора“, рече анкетиран од Италија.
„Струјата се врати, па потоа повторно имаше прекин“, додаде друг.
„Во 2026 година е неприфатливо да има вакви прекини што ги погодија и службите за итни интервенции. Локалната полиција и бројот за итни случаи, сè беше надвор од функција. Дури и општината не работеше“, изјави Марко Сегала - градоначалник на Сан Џулијано, предградие на Милано.
Топлото време продолжува да доминира и во поголемиот дел од Турција. Интензивната жештина ги исполни плажите на Анталија со жители и туристи кои бараат да се разладат во морето.
„Гориме, многу е жешко во Анталија. Дојдов од Синоп тука да се разладам, но навистина е топло“, рече анкетиран од Турција.
Канцеларијата на Светската здравствена организација за Европа соопшти дека во текот на последните четири години, повеќе од 200.000 луѓе низ Европа починале од причини поврзани со топлината. Обединетите нации со препорака-луѓето сериозно да го сфатат овој топлотен бран и да внимаваат на оние кои се најмногу изложени на ризик, за да спасат живот.
Катерина Бојаџиева
