„Везилка“ отвора нови можности за науката, економијата и младите
Почнува да работи „Везилка“- првата национална фабрика за вештачка интелигенција. Платформа за развој и примена на решенија на македонски јазик за институциите, економијата, образованието и во секојдневниот живот, што ќе помогне државата да не биде корисник на туѓи технологии, туку на сопствени знаења и модели.

Националната фабрика за вештачка интелигенција „Везилка“ претставува важен чекор за развојот на науката, иновациите и економијата, порача премиерот Христијан Мицкоски на нејзината официјална промоција, истакнувајќи дека проектот ќе помогне Македонија да се позиционира во европскиот технолошки екосистем. Оцени дека проектот е почеток на процес што ќе придонесе за посилна наука, подобра економија и поголеми можности за младите.
Според него, пристапот до европската инфраструктура за вештачка интелигенција и напредните суперкомпјутерски капацитети ќе им овозможи на македонските истражувачи, универзитети, стартап-компании и бизниси да развиваат иновативни производи и услуги и да се натпреваруваат на европско и глобално ниво.
Мицкоски нагласи дека особено значење има развојот на македонски јазични модели и дигитални алатки на македонски јазик, што, како што рече, е важно за зачувување на културниот континуитет, научниот развој и националната самодоверба во дигиталната ера.
Тој оцени дека развојот на вештачката интелигенција отвора нови економски модели и индустрии, а способноста на државата да создава знаење и да ги поврзува науката и стопанството станува клучен предуслов за долгорочен развој.
„Везилка“ е проект координиран од ФИНКИ при УКИМ во соработка со Министерството за дигитална трансформација, а преку партнерство со грчката фабрика за вештачка интелигенција „Pharos“ ја вклучува Македонија во европскиот екосистем за вештачка интелигенција. Проектот е воспоставен во рамки на EuroHPC JU и е кофинансиран од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“.
Во рамки на промоцијата се одржува и панел-дискусија на тема „Вештачката интелигенција како мотор за економски развој“.
