Високите температури го зголемија бројот на интервенции на Итната помош
И на стартот на летото сирените на амбулантните возила сè почесто ги слушаме низ улиците. Променливото време и зголемените температури влијаат дирекно врз здравјето на граѓаните. Омалаксаност, исцрпеност, покачен крвен притисок и зголемен број на мозочни удари бележи итната медицинска помош во Битола. Во следните денови температурите ќе се покачуваат, граѓаните да бидат особено внимателни и да ги применуваат советите на лекарите …

Променливите временски услови и високите температури повторно го ставаат здравјето на граѓаните на тест. Жешките летни денови, не влијаат само на секојдневието туку и дирекно врз нивното здравје. Тоа особено го чувствуваат повозрасните.
Бројот на интервенции на терен како и прегледи во дежурната амбуланта на итната медицинска помош во Битола, во едно деноноќие достигнуваат и до 80. Пациентите најчесто се жалат на исцрпеност, омалаксаност, гадење, повраќање, покачен крвен притисок.
Покачените температури најтешко ги поднесуваат и особено треба да се внимателни повозрасните, малите деца, хронично болните, спортистите и оние кои работат на отворено.
Според прогнозата на УХМР, во следните денови температурата во земјава насекаде ќе биде над 30, а наместа ќе достигне и до 39 степен.
Жешките денови бараат промена на секојдневните навики. Експертите советуваат во периодот од 11 до 17 ч да се избегнува директно изложување на сонце, особено за најранливите категории.
Александра Максимовска
