Финансии

Димитриеска-Кочоска: Со ребалансот повеќе средства за капитални инвестиции и развојни проекти

26.06.2026 12:33

Ребалансот на Буџетот за 2026 година обезбедува дополнителни средства за капитални инвестиции, исполнување на обврските од колективните договори и поддршка на развојните политики, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа посочи дека приходите се движат според планот, а зголемувањето на капиталните расходи е резултат на подобрената реализација на проектите.

Ребалансот на Буџетот за 2026 година е насочен кон обезбедување средства за реализација на капитални инвестиции, исполнување на обврските преземени со колективните договори и поддршка на развојните политики што директно влијаат врз квалитетот на живот на граѓаните, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во подкастот „Каде се парите“.

Таа истакна дека при подготовката на ребалансот Министерството за финансии се водело не само од буџетските показатели, туку и од реалните потреби на граѓаните и институциите.

Според министерката, капиталните инвестиции не треба да се третираат како трошок, туку како вложување во идниот економски развој и подобрувањето на животниот стандард. Таа нагласи дека токму подобрената реализација на проектите и поголемата ангажираност на институциите овозможиле зголемување на капиталните расходи со ребалансот.

Во однос на приходите, Димитриеска-Кочоска рече дека наплатата на даноците се одвива согласно очекувањата и дека досегашните показатели не покажуваат отстапувања од планираните проекции. Таа додаде дека растот на приходите од ДДВ и останатите даноци е над нивото потребно за исполнување на годишниот план.

Осврнувајќи се на буџетскиот дефицит, министерката потенцираше дека тој треба да се оценува според неговото учество во бруто-домашниот производ, а не преку апсолутни бројки, бидејќи само така може да се направи реална споредба меѓу различни години.

Во однос на јавниот долг, Димитриеска-Кочоска оцени дека довербата на меѓународните финансиски пазари е потврдена со успешното издавање на еврообврзницата со историски најниска маргина. Според неа, фискалната политика останува насочена кон одржување на стабилноста и обезбедување средства за развојни проекти што ќе придонесат за долгорочен економски раст.