Тони Наумовски добитник на наградата „Мето Јовановски“ на фестивалот „Преку езерото“
Заблагодарувајќи се за признанието, Наумовски истакна дека секоја награда претставува мотив и обврска, а особено кога доаѓа од татковината.
Актерот Тони Наумовски е добитник на наградата „Мето Јовановски“ за високо уметничко достигнување во филмската уметност за 2026 година, која му беше доделена на петтото јубилејно издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ во Дојран.
Заблагодарувајќи се за признанието, Наумовски истакна дека секоја награда претставува мотив и обврска, а особено кога доаѓа од татковината. Тој рече дека иако никогаш немал можност да соработува со легендарниот Мето Јовановски, отсекогаш се восхитувал на неговите актерски остварувања.
Во образложението за наградата се наведува дека Наумовски е пример за посветеност и љубов кон филмската уметност, со богата меѓународна кариера во театарот, филмот и телевизијата, како и повеќе од 80 актерски улоги. Посебно е истакнат неговиот настап во македонскиот филм „Лена и Владимир“, кој во изминатата година му донесе 14 актерски награди и исто толку номинации на филмски фестивали во Европа и Америка.
