Народниот правобранител алармира за системски пропусти во установите за лица лишени од слобода
Народниот правобранител го претстави извештајот за условите во местата за лишување од слобода – полициските станици, затворите, психијатриските болници. Лоцирани се системски слабости, и лоши услови. Криминалци кои со врски биле пратени на психијатриско лекување ги малтретираат вработените во болницата во Демир Хисар – извештај на Народниот правобранител...

20-ина осуденици за кривични дела, кои се наоѓаат во психијатриската болница Демир Хисар, не се со психичка болест, туку се здрави и пресметливи, но таму завршиле изигрувајќи го системот и судовите преку коруптивни вештачења за наводно нарушено здравје, констатирал Народниот правобранител. Оттаму предупредуваат дека поради овие состојби, вработените се принудени да работат и како безбедносен кадар, на штета на другите пациентите кои се вистински болни.
13 ненајавени посети направил јавниот правобранител на местата на кои има лица лишени од слобода или со ограничена слобода на движење. Посетени биле полициски станици, поправно воспитни и казнено воспитни домови, психијатриски установи, граничен надзор и места каде што се згрижени мигранти.
И покрај забележаниот напредок во одредени области, сепак, утврдени се голем број на системски недостатоци, за кои, како што велат од канцеларијата на народниот правобранител, се реагира со години. Недостатокот на кадар и финансиски средства и несоодветните услови за живот, се дел од нив.
Недостатоците утврдени од страна на Народниот правобранител се објавени во годишниот извештај на националниот превентивен механизам, а по повод Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортура.
Марија Котовска
