Политика

Владината реконструкција во завршница, во вторник ќе се знае новиот состав

26.06.2026 17:28

Реконструкцијата не се прави само поради резултатите кои се постигнати досега, туку и заради промена на приоритетите – ова е објаснувањето на премиерот Мицкоски. Конечната слика за персоналните решенија ќе се знае во вторник, кога ќе заседава извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Не се исклучува резот да биде и подлабок.

Во вторник ќе се знае кој заминува, а кој доаѓа во Владата. Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во отвореното студио на МТВ потврди дека следната недела ќе се одржи седница на Извршниот комитет на партијата, по што ќе бидат познати решенијата и распределбата на ресорите за владината реконструкција. Мицкоски посочи дека реконструкцијата не се прави само врз основа на досегашните резултати на министрите, туку и поради промената на приоритетите на владините коалициски партнери.

Мицкоски најави дека ќе има промени на ресори меѓу коалициските партнери, но не откри детали за тоа кои министри ќе бидат заменети и кои ресори ќе претрпат промени. По оставката на вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, јасно е дека ќе има нов министер во ресорот, како и во социјална политика, откако актуелниот министер Лимани застана на спротивната страна од Вреди. Сè уште нема договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за ресорот Правда. Премиерот сè уште е во дилема, дали реконструкција на една третина од владините функционери или ќе биде поширока.

Мицкоски изрази уверување дека реконструираниот владин состав, ако ја добие поддршката во Собранието, а тоа е извесно бидејќи мнозинство има, успешно ќе го заврши својот мандат и ќе ги реализира новодефинираните приоритети од владината програма.

Викендов е најавена нова рунда разговори меѓу владините коалициски партнери. Се очекува премиерот до 1 јули до Собранието да го достави предлогот за нови министри и заменици министри.

Борис Грујоски