Од 1 јули целосна забрана за движење во шумите, казни до 2.000 евра
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство воведува целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште од 1 јули до 31 август, поради зголемената опасност од шумски пожари. За непочитување на мерката се предвидени глоби од 1.500 до 2.000 евра.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека од 1 јули до 31 август ќе биде во сила целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште на територијата на државата, поради зголемената опасност од појава на шумски пожари.
Како што информираат од Министерството, одлуката е донесена согласно насоките на Владата и по барање на корисниците на шумите – ЈП „Национални шуми“ и националните паркови кои управуваат со заштитените подрачја. Согласноста за забраната е издадена согласно член 57, став 3 од Законот за шумите.
Во периодот додека трае забраната, движењето во шумите ќе биде дозволено само со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП „Национални шуми“ или од националните паркови, во зависност од подрачјето со кое управуваат.
Од Министерството предупредуваат дека за физичките лица кои ќе бидат затекнати да се движат во шума или шумско земјиште без дозвола, согласно член 106 од Законот за шумите, се предвидени глоби од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност. Мерката има за цел превенција и намалување на ризикот од избувнување на шумски пожари во текот на летниот период.
