Венецуела

Спасувачите во Венецуела сè уште трагаат по преживеани, бројот на загинати расте

28.06.2026 16:37

Во Венецуела и по три дена спасувачите не се откажуваат од битката за живот. Под урнатините сè уште се слушаат звуци, а секое извлекување на преживеан носи нов бран емоции и надеж. Додека бројот на жртви порасна на над 1.400, меѓународните тимови се тркаат со времето.

Плачот на новороденче спасено од под урнатините донесе нова надеж во Венецуела. По три дена неуморни напори, спасувачките екипи не се откажуваат од битката за живот. Од под тешките бетонски плочи извлечена и неговата мајка.

Додека бројот на смртни случаи продолжува да расте, расте и списокот на спасени, едно од нив и 11-годишно момче.

„По шест часа прецизни операции, нашите спасувачи успеаја да стигнат до момчето, кое беше заробено три метри под земја, и безбедно да го извлечат“, изјави колумбиски пожарникар.

Кучиња трагачи, волонтери, 1.600 меѓународни тимови се ангажирани во потрагата по преживеани.

„Слушаме звуци, но не можеме да потврдиме дали е човек или домашно милениче, но мора да направиме сè што е можно и да продолжиме да бараме“, вели спасител од мексиканската армија.

„Областа е доста распространета, има многу урнати згради, арматури и ѕидани конструкции и затоа не можеме да знаеме дали има луѓе што пронашле мал простор за преживување или не“, изјави Паоло Филипети, италијански пожарникар.

Над 55 илјади лица и натаму се водат за исчезнати. ООН предупредуваат дека милиони луѓе може да бидат погодени од катастрофата, додека илјадници се сместени во прифатни центри.

„Згрижени се 3.238 повредени лица. Имаме над три илјади погодени семејства кои во моментов се сместени во прифатни центри поставени во сите седум држави кои добиваат директна медицинска помош во нашите болници – значи вкупно над 5.000 случаи“, изјави Хорхе Родригез, претседателот на Националното собрание на Венецуела.

„Ова е нашиот четврти ден во засолништето откако бевме спасени. Мојот дом беше во најтешко погодената област, моите деца и јас бевме повредени. Ќерка ми има речиси 300 конци што се протегаат од ногата па сè до грбот“, вели жител.

„Ни недостасува вода за пиење и основни дневни потреби. Имаме пациенти на кои им се потребни лекови. Работите се навистина тешки во моментов“, додава друг.

Од Ватикан повторно упатена поддршка за Венецуела, со молитви за жртвите и признание за спасувачките екипи.

„Се молам за вечен починок на починатите и ја обновувам мојата духовна блискост со нивните семејства, со повредените и со сите погодени од оваа трагедија. Благодарност и охрабрување до сите што великодушно учествуваат во спасувачките напори“, рече папата Лав XIV.

Во меѓувреме, аеродромот во Каракас повторно е отворен за сообраќај, што треба да го олесни пристапот на хуманитарната помош. Од Брисел најавија пет милиони евра помош за областите погодени од земјотресите во Венецуела.

Бојана Крстевски