58 санкции во акциска контрола во Битола, четири лица приведени за возење мотоцикл без возачка дозвола
Во акциска контрола спроведена во Битола, полицијата изрече 58 санкции за сообраќајни прекршоци, од кои најголем дел за возење мотоцикл без заштитна кацига. Приведени се четири лица поради управување мотоцикл без возачка дозвола, а одземено е и едно возило поради предизвикување прекумерна бучава.
Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи, во соработка со Одделението за сообраќајно и ескортно обезбедување, на 28 јуни спроведе акциска контрола во Битола насочена кон возачите на мопеди, мотоцикли, трицикли, четирицикли и електрични тротинети.
Во периодот од 17 до 23 часот биле изречени вкупно 58 санкции за сторени сообраќајни прекршоци и кривични дела. Од нив, 25 санкции се за возачи кои управувале мотоцикл без заштитна кацига, шест за возачи на електрични тротинети, три за управување со несоодветна категорија, една за истечена полиса за осигурување, додека останатите се однесуваат на други сообраќајни прекршоци.
При контролата, полицијата одзела едно моторно возило поради предизвикување прекумерна бучава, согласно член 344 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Откриени се и четири кривични дела, при што четири лица се лишени од слобода поради сомнение дека сториле кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик, односно управувале мотоцикл без да поседуваат возачка дозвола. Против сите се поднесени соодветни поднесоци.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека ваквите контроли ќе продолжат и во наредниот период, со апел до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за поголема безбедност на патиштата.
