Ѓорческа пред историскиот настап на Вимблдон: Ќе дадам сè од себе против Анисимова
По трите победи во квалификациите и пласманот во главната ждрепка на Вимблдон, македонската тенисерка Лина Ѓорческа е подготвена за најголемиот предизвик. Во првото коло ќе се соочи со шестата носителка и минатогодишна финалистка, Аманда Анисимова, а вели дека нејзината единствена цел е да го одигра својот најдобар тенис.

По успешниот настап во квалификациите, каде што забележа три победи, македонската тенисерка Лина Ѓорческа е подготвена за својот прв меч во главната ждрепка на Вимблдон. Во првото коло ќе се соочи со Американката Аманда Анисимова, минатогодишна финалистка на турнирот и шеста носителка оваа година.
Во пресрет на натпреварот, Ѓорческа истакна дека е задоволна од настапите во квалификациите и од начинот на кој успеала да се справи со предизвиците.
„Квалификациите минаа одлично. Отсекогаш знаев и верував дека сум блиску, а требаше само да се склопат коцките. Секој меч беше тежок, бидејќи сите учеснички се меѓу 200-те најдобри тенисерки во светот. Особено би го издвоила вториот меч, а последниот го одиграв одлично и навистина сум среќна од мојата игра“, изјави Ѓорческа.
За противничката Анисимова вели дека станува збор за квалитетна и комплетна тенисерка, но нагласува дека нејзиниот фокус е насочен кон сопствената игра.
„Мојата единствена цел е да го одиграм своето. Натпреварот ќе биде на еден од главните терени бидејќи таа е ланска финалистка и шеста носителка. Се надевам дека ќе биде интересен меч и ги повикувам сите да навиваат од дома“, порача македонската тенисерка.
Ѓорческа е една од 16-те тенисерки што успешно ги минаа квалификациите за главната ждрепка на Вимблдон. Со пласманот обезбеди 40 ВТА-поени, со што дополнително ќе го подобри својот пласман на светската ранг-листа.
