Расте бројот на жртви
Спасувачките тимови продолжуваат да трагаат по преживеани, по катастрофалните земјотреси во Венецуела. Бројот на жртвите расте, неизвесна е судбината на илјадници исчезнати...

Спасувачките екипи во Венецуела и натаму трагаат по преживеани, додека бројот на жртвите расте. Во неизвесност за судбината на илјадници исчезнати, од урнатините досега се спасени десетици луѓе. И покрај изминатиот 72-часовен прозорец, спасувачите велат сè уште има живи луѓе.
„Не се сомневаме дека таму има живо лице. Таа разговара со нас и бара помош, но спасувањето би можело да трае малку повеќе од 14 часа“, изјави Вагнер Леива – директор за итни случаи на Црвениот крст на Костарика.
Додека во земјата пристигнуваат дополнителни меѓународни спасувачки тимови, роднините на жртвите со голи раце копаат под урнатините, не губејќи ја надежта за своите најблиски.
„Никогаш не ја изгубивме надежта. Продолжуваме да копаме под урнатините. Комуницираме со три лица кои се таму долу. Не знам дали има уште луѓе, но телата на нашите роднини не се пронајдени, па сè уште се надеваме дека се живи.“, изјави Џејсон Маркано – роднина на исчезнат во земјотресот.
Над три илјади луѓе се повредени и сместени во болниците во Ла Гваира и во седумте погодени држави. Повеќе од 12 илјади се раселени. Катастрофата дополнително ги продлабочи и последиците од долгогодишната економска и политичка криза, особено врз преоптоварениот здравствен систем.
„Бројот на меѓународни делегации се зголеми. Пристигнаа 2.624 странски спасувачи, 137 кучиња-трагачи, 49 возила за помош и 84,4 метрички тони опрема, лекови и хируршки материјали“, изјави Хорхе Родригез -претседател на Националното собрание.
„Во моментов на луѓето им се потребни медицинска нега, поддршка и охрабрување. Иако повеќето пациенти се стабилни, имаме случаи на хипергликемија и тешка хипертензија поради недостиг од лекови.“, изјави Лури Салас – докторка.
Привремената претседателка Делси Родригез соопшти дека продолжува обновата на инфраструктурата. Најави и формирање техничка комисија за проценка на штетите, како и систем за процена на безбедноста на објектите.
„Веќе обновивме 75 насто од електричната услуга. Тимовите продолжуваат да работат додека не се постигне целосно обновување на струјата во државата, како и водата, која има обновување од 68%, и патната инфраструктура, која веќе има 90% обновување на целата транзитност и циркулација“, изјави Делси Родригез – в.д. претседателка на Венецуела.
Властите најавија и координирање на забрзаната изградба на нови домови за семејствата кои останаа без кров над главата.
Бојана Крстевски
