Од полноќ поскапуваат бензините, дизелот поевтинува за половина денар
Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука за цените на нафтените деривати. Од полноќ бензините поскапуваат за половина денар по литар, дизелот поевтинува за ист износ, додека цената на екстра лесното масло останува непроменета.

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе одлука со која во просек се намалуваат малопродажните цени на нафтените деривати за 0,27 проценти во однос на претходната одлука од 22 јуни.
Согласно новата одлука, од ноќеска на полноќ малопродажната цена на моторниот бензин ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 84,50 денари за литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по 86,50 денари за литар. Двата бензина поскапуваат за 0,50 денари по литар.
Цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) се намалува за 0,50 денари и ќе изнесува 80 денари за литар, додека екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) останува непроменето на 79,50 денари за литар. Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 0,796 денари и ќе изнесува 41,495 денари за килограм.
Од Регулаторната комисија појаснуваат дека станува збор за највисоки малопродажни цени, а трговците со нафтени деривати можат да ги формираат и пониско од утврдените максимални цени.
