Ристовски: За две години реализирани и започнати 60 спортски проекти вредни над 21 милион евра

29.06.2026 15:13

Министерот за спорт Борко Ристовски презентираше отчет за работата на Министерството во изминатите две години, посочувајќи дека се реализирани и започнати 60 спортски проекти во вредност од над 21 милион евра. Тој оцени дека спортот повторно станува национален приоритет, најавувајќи нов циклус инвестиции во спортската инфраструктура и поголема поддршка за спортистите.

Министерот за спорт Борко Ристовски на денешната прес-конференција во Владата презентираше отчет за сработеното во првите две години од формирањето на Министерството за спорт, при што истакна дека се реализирани и започнати 60 спортски проекти со вкупна вредност од повеќе од 21 милион евра.

Според Ристовски, во споредба со претходната власт, која за четири години реализирала 33 спортски проекти, актуелната Влада повторно го поставува спортот меѓу националните приоритети.

Меѓу позначајните инвестиции ги издвои реконструкцијата на спортската сала „Расадник“, атлетските патеки во Велес и Гевгелија, спортската сала во Радовиш, реконструкцијата на салата на УКИМ, како и изградбата на нови спортски сали во Општина Аеродром, Крушево и Воената академија во Скопје. Во тек е и изградбата на новите трибини на Градскиот стадион во Тетово, а во различни фази на реализација се девет базени низ државата.

Министерот истакна дека, покрај инфраструктурните инвестиции, Министерството вовело потранспарентен систем за распределба на средствата, со јасни критериуми за поддршка на спортистите, клубовите и федерациите.

Ристовски посочи дека Министерството работи и на зајакнување на законитоста и транспарентноста во спортот, преку соработка со надлежните институции во расчистувањето на сомнежите за незаконско работење и корупција.

Тој најави дека во следниот период ќе продолжи нов циклус капитални инвестиции, изградба на спортски објекти и засилена поддршка за спортските федерации, клубовите и младите спортисти, со цел создавање подобри услови за развој на спортот во државата.

Во своето обраќање, Ристовски му се заблагодари на премиерот Христијан Мицкоски за, како што рече, поддршката и визијата спортот повторно да стане национален приоритет, како и на институциите, локалните самоуправи, федерациите и клубовите за придонесот во реализацијата на проектите.