Култура

Изложба „Поместени граници“ во рамки на „Скопско лето“

30.06.2026 16:51

Традиционалната изложба „Поместени граници“, во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, вечерва свечено ќе биде отворена во рамки на „Скопско лето“. Годинашното издание, реализирано како резиденцијален престој во уметничката резиденција „Македонида“, носи концепт насловен „Разбудени сеќавања“, кој преку личните мемории и современиот ликовен израз ги истражува границите на уметничката перцепција.

Традиционалната изложба „Поместени граници“, во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, вечерва свечено ќе биде отворена, а посетителите ќе можат да ја разгледаат до 2 јули.

Годинашното издание се реализира како резиденцијален престој во текот на мај и јуни во Уметничката резиденција „Македонида“, а изложбата е дел од програмата на фестивалот „Скопско лето“.

Кураторка на изложбата е историчарката на уметност Гордана Велков, која годинава ја поставува концепцијата „Разбудени сеќавања“, насочена кон индивидуалните мемории и нивното преточување во современ ликовен израз.

Публиката ќе има можност да ги види делата на Маја Гечиќ од Белград, Ивана Настески, Зулејха Зибери, Ана В’чкова, Елена Гелева, Нина Богуновиќ, Душан Георгиевски, Енеса Мемети, Давор Кешќец, Вук Митевски и Стефан Анчевски.

Според кураторката Велков, концептот „Разбудени сеќавања“ овозможува поместување на границите на ликовниот израз преку евоцирање на личните сеќавања, инспирирани од материјалноста на интимниот простор, различен од традиционалните галериски и музејски амбиенти.

„Физичкото присуство на предметите, садовите и архитектонските решенија во просторот како меморија за едно време е производ на едно искуство, тие се поставени, уредени и одржувани од севкупноста на нечии сеќавања“, наведува Велков.

Таа додава дека создадените сеќавања на уметниците ќе придонесат за трансформација на архитектонскиот ентериер во суптилен изложбен простор, каде личните перцепции, емоции и имагинација ќе бидат претставени преку различни уметнички форми, техники и стилови.

Од Друштвото на ликовни уметници на Македонија истакнуваат дека изложбата „Поместени граници“ традиционално ги обединува современите уметнички практики кои преку визуелниот израз ги истражуваат актуелните индивидуални и колективни искуства.