ДЗС

Пронајдена граната од Првата светска војна кај границата со Грција

30.06.2026 11:01

Артилериска граната од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна, е пронајдена во близина на државната граница со Грција, југозападно од Гевгелија. Од Дирекцијата за заштита и спасување предупредуваат дека станува збор за исклучително опасно неексплодирано убојно средство кое може да се активира и при најмал удар.

Артилериска граната од 75 милиметри од Првата светска војна е пронајдена денеска на локалитетот „Ќупот“, југозападно од Гевгелија, во непосредна близина на државната граница со Грција, соопшти Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Од ДЗС информираат дека станува збор за неексплодирано убојно средство, кое веднаш било обезбедено од надлежните служби.

Пиротехничарот Ѓорѓи Стефанов појасни дека најверојатно се работи за испукана, но неексплодирана топовска граната која и по повеќе од еден век останала активна.

„При најмал удар може да дојде до моментална експлозија, бидејќи станува збор за исклучително опасно убојно средство, со потенцијално смртоносно дејство во радиус од околу 150 метри“, предупредуваат пиротехничарите од ДЗС.

Гранатата ќе биде безбедно транспортирана и уништена на армискиот полигон „Криволак“, согласно утврдените протоколи за уништување на неексплодирани убојни средства.

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, повторно апелира до граѓаните доколку забележат сомнителни предмети што наликуваат на експлозивни средства, да не ги допираат и веднаш да пријават на единствениот број за итни повици 112.