Монако

Истрага по експлозијата во Монако, повеќе лица повредени

30.06.2026 16:38

Украинскиот олигарх Вадим Јермолаев, е еден од тројцата повредени при силната експлозија во Монако. Властите трагаат по осомничениот кој оставил торба со бомба во која живеел вип-бегалецот со својата партнерка и синот. Инцидентот е оценет како невиден и сериозен удар врз безбедноста на кнежевството.

Силна експлозија го потресе Монако, откако маж оставил торба со бомба пред зграда, во близина на француската граница. Еден од тешко повредените е украинскиот олигарх Вадим Јермолаев, кој престојува во Монако како вип-бегалец од почетокот на војната во Украина. Во моментот на експлозијата тој се враќал во зградата во која живее со својата партнерка и синот тинејџер. Во експлозијата повреди и шок претрпеле и други лица. Напаѓачот бил снимен од надзорни камери, пред пеш да побегне од местото на настанот, упатувајќи се кон Франција.

„Експлозивна направа беше поставена пред влезот на зграда, при што беа повредени неколку лица. Едно лице избега кон градот Босолеј, успеавме да го следиме со камера. Веднаш ја информиравме француската национална полиција, која работи во соработка со општинската полиција на Босолеј и со обезбедувањето на кнежевството Монако“, изјави Жерар Спинели – градоначалник на Босолеј.

„Тројцата повредени веднаш биле згрижени од пожарникари и од службите за итни случаи и биле евакуирани во болниците во Ница. Преземени се неопходни мерки во однос на зајакнување на јавната безбедност. Важно е да се осигураме дека ваквите дејствија нема да се повторат во кнежевството“, изјави Кристоф Мирманд – државен министер на Монако.

Принцот на Монако, Алберт Втори, го окарактеризира инцидентот како „грозоморно злосторство“ и шок за целата заедница. Силна експлозија, врисоци и солзи, и две лица на земја-вака сведоци го опишуваат немилиот настан.

„Слушнав силна експлозија. На почетокот, не мислев дека е точно пред мојот дом. Потоа мајка ми и јас погледнавме низ прозорецот и слушнавме многу вресоци, па се симнав долу и видов двајца луѓе како лежат на земја“, рече сведок.

„Сите слушнавме силен тресок дома. Дури и прозорецот малку се тресеше. Потоа излеговме надвор, но во почетокот не можевме да видиме ништо. Луѓето разговараа и одеа по улицата, а ние се прашувавме што се случило.“, рече друг сведок.

Властите велат дека ова е првпат во историјата да биде забележан ваков напад во кнежевството.

 

Катерина Бојаџиева