Ѓорческа го заврши настапот на Вимблдон, Анисимова сигурна во првото коло
Македонската тенисерка Лина Ѓорческа го заврши настапот на Вимблдон во првото коло, откако беше поразена од Американката Аманда Анисимова со 2:0 во сетови. И покрај елиминацијата, Ѓорческа зад себе има успешни квалификации и прв настап во главниот жреб на Гренд слем турнир по трите остварени победи во квалификацискиот дел.

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа го заврши настапот на Вимблдон уште во првото коло, откако загуби од ланската финалистка Аманда Анисимова од САД со 2:0 во сетови (6:3, 6:2). Натпреварот траеше 61 минута.
Анисимова ја оправда фаворитската улога и уште во првиот сет направи клучен брејк во четвртиот гем за водство од 3:1, предност што ја задржа до крајот на сетот.
Во вториот сет Американката двапати ѝ го одзеде сервисот на Ѓорческа, во третиот и петтиот гем, и поведе со убедливи 5:1, со што практично го реши победникот. Македонската тенисерка успеа да освои уште еден гем и притоа да спаси една меч-топка на свој сервис, но не успеа да го избегне поразот.
И покрај елиминацијата, настапот на Ѓорческа на Вимблдон претставува значаен успех, бидејќи таа избори место во главниот турнир по трите победи во квалификациите.
