Мицкоски вечерва ќе ги соопшти кадровските промени во Владата
По седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да бидат објавени новите министри и заменици-министри. Предлогот потоа ќе биде доставен до Собранието, кое ќе одлучува за реконструкцијата на Владата.

Вечерва по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе се знае кој заминува, а кој доаѓа во Владата. Премиерот и лидер на владејачката партија, Христијан Мицкоски околу 20 часот треба да ги каже новите имиња на функционерите.
Иако распределбата на ресорите е позната, од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека ќе понудат искусни и квалитетни кадри што ќе работат за развој на државата.
По реконструкцијата, Вреди би требало да раководи со шест министерства, меѓу кои за животна средина, економија, правда, евроинтеграции, култура и односи меѓу заедниците, при што дел од ресорите би добиле нови кадри. ЗНАМ треба да остане со две министерства, но, извесно е дека ќе го загуби правда, каде Игор Филков беше нивен кадар. ВМРО-ДПМНЕ, пак, повторно ќе го има Министерството за здравство.
Предлогот за нови министри и заменици-министри, мандатарот треба да го достави до Собранието. Во зависност од тоа дали ќе се менува над една третина од министрите ќе зависи и дали ќе се гласа како поединечно за секој од нив, или како за цела влада.
