Штип

Професорка на УГД приведена за примање поткуп

30.06.2026 18:03

Полициски службеници од СВР Штип ја лишија од слобода 39-годишната Т.А. од Штип, професорка на УГД под сомнение дека побарала и примила 300 евра поткуп од студент за да му овозможи да положи испит.

Професорка на Факултетот за медицински науки на УГД е лишена од слобода под сомнение за кривично дело „примање поткуп“. На 22 јуни К.Б., студент од Турција, пријавил во СВР Штип дека професорката му побарала 300 евра за да положи испит.

Од УГД истакнуваат дека универзитетот има нулта толеранција за корупција. Ја осудуваат постапката на професорката и ги охрабруваат сите студенти од кои е барано поткуп, да пријават кај надлежните

„Во академската заедница нема место за некој што ја злоупотребува својата позиција и го нарушува интегритетот на образованието. За жал ниту еден систем не е целосно имун на поединци кои се подготвени да го прекршат законот и да ја злоупотребат довербата што им е укажана. Затоа целосно ги поддржуваме надлежните институции во борбата против корупцијата. Само со професионални, законити и неселективни постапки може трајно да се отстранат ваквите појави од академскиот систем. На универзитетот постојат механизми за пријавување на вакви случаи и секој може без страв да ги користи“, велат од УГД.

Приведената е професорка на УГД од јануари годинава на тригодишните стручни студии за физиотерапевти.

Славица Величковска