Статистика

Индустриското производство во мај намалено за 2%, најголем пад во преработувачката индустрија

01.07.2026 12:11

Индустриското производство во мај 2026 година е намалено за 2 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Најголем пад е регистриран во преработувачката индустрија, додека раст има само во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.

Индустриското производство во мај 2026 година бележи намалување од 2 проценти во однос на мај минатата година, а за 0,3 проценти во периодот јануари – мај годинава споредено со истиот период лани, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Во секторот рударство и вадење камен е регистриран пад од 3,6 проценти, а во преработувачката индустрија производството е намалено за 2,6 проценти. Раст од 6,1 процент е евидентиран единствено во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.

Намалувањето во преработувачката индустрија, според статистиката, најмногу се должи на пониското производство на прехранбени производи, пијалаци, тутунски производи, текстил, облека, хемиски и фармацевтски производи, метали, фабрикувани метални производи, електрична опрема, машини и уреди, како и моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, раст е забележан кај енергијата за 6,5 проценти и кај интермедијарните производи, без енергијата, за 3,4 проценти. Од друга страна, опаѓање има кај капиталните производи за 3,3 проценти, трајните производи за широка потрошувачка за 1,1 процент и нетрајните производи за широка потрошувачка за 8,4 проценти.

Најголемо влијание врз мајскиот пад имале намаленото производство на електрична опрема за 7,8 проценти, производството на машини и уреди за 12,9 проценти и производството на моторни возила, приколки и полуприколки за 2,3 проценти.