Продолжуваат преговорите

01.07.2026 09:54

Во Доха продолжуваат мировните преговори меѓу американската и иранската делегација...

Делегациите на САД и Иран продолжуваат со преговори во Доха, но без состаноци на високо ниво. Катарските медијатори по одвоените разговори со американската страна продолжуваат со средби со иранската делегација. Во фокус се спроведувањето на договорот, како и регионалните прашања – Либан, Ормускиот теснец и замрзнатите ирански средства. Техеран порачува дека нема да премине во следната фаза додека не се финализираат петте клучни клаузули.

„Сега сме во фаза на спроведување на договореното. Додека целосно не се спроведат првите пет одредби, вклучително и оние што се однесуваат на Либан, нема да преминеме на следната фаза од договорот“, изјави Мохамад Багер Калибаф, главен преговарач на иранската делегација.

Ден претходно медијаторите се сретнаа со американските претставници Виткоф и Кушнер, при што биле разгледани нуклеарното прашање, економијата, Ормускиот теснец и регионалната безбедност, вклучително и Либан.

„Што се однесува до содржината на разговорите, тие се онакви какви што би очекувале. Имаме насока за нуклеарната енергија, за економијата и за Ормускиот теснец, како и за регионалната безбедност. Се дискутира за сè што треба да се договори на тоа техничко ниво“, изјави Мајед ал-Ансари, портпарол на Министерство за надворешни работи на Катар.

Вашингтон тврди дека е во „силна позиција“ во однос на Техеран и дека исходот од преговорите нема да ја промени.

„Сметам дека САД се во одлична позиција, без разлика како ќе завршат преговорите. Ако бидат успешни — што очигледно сакаме — ќе имате Иран кој е трајно трансформиран … ако, пак, Иранците не се однесуваат соодветно, нивната нуклеарна програма сепак ќе биде уништена, како и нивните конвенционални воени капацитети, а САД ќе останат во многу посилна позиција во однос на Иран“, изјави Џеј Д. Венс, потпретседател на САД.

Во меѓувреме, медиумите пренесуваат дека Трамп размислувал за воени опции против Иран, но засега ја фаворизира дипломатијата и продолжување на индиректните преговори со посредство на Катар. Сепак, останува можноста за ограничени напади доколку Техеран ги прекрши условите. И покрај договорот меѓу Израел и Либан и дипломатските напори за смирување на Блискиот Исток, Тел Авив останува на ставот дека нема повлекување додека Хезболах не се разоружа, а премиерот Бенјамин Нетанјаху нареди целосно уништување на инфраструктурата на милитантите.

 

Бојана Крстевски