Европа

Топлотниот бран продолжува, лекарите со совети

01.07.2026 20:03

Не е само лето. Европа го живее лицето на климатската криза топлотниот бран веќе однесе повеќе од илјада животи, болниците се полнат, а предупредувањето на експертите е јасно – ова не е врвот, туку предвкус на она што доаѓа.

Екстремното топло време што ја зафати Европа продолжува да зема жртви. Овој топлотен бран е само „генерална проба“, за уште поекстремни климатски услови во иднина, предупредија од светската здравствена организација и апелираа до европските власти дополнително да ги унапредат мерките за заштита на населението од последиците на високите температури. Болниците во Европа веќе се подготвуваат за следната рунда.

„Ноќта на 19-ти кон 20-ти јуни, пациентите, жртви на жештината, почнаа масовно да пристигнуваат во одделот за итни случаи. Почнувајќи од 20-ти, видовме зголемување од 20% на приеми во итни случаи, а од 20-ти до 27-ми, имавме над 20% повеќе пациенти секој ден. Тогаш почнавме доста брзо да се адаптираме. Следната недела ќе бидеме во подобра ситуација отколку што бевме минатата недела“, изјави Николас Гонзалес – раководител на Одделот за итни случаи во болницата Паризаклеј.

Жешкото време за жал предизвика здравствени проблеми кај децата, постарите лица и лицата со хронични заболувања. Лекарите ги потсетуваат луѓето да избегнуваат директна сончева светлина во најжешкиот дел од денот и постојано да чуваат шише вода при рака. Доколку се земаат лекови, постојат чекори што треба да се преземат за да се минимизираат ризиците по здравјето поради топлината.

„Кога станува збор за минимизирање на ризиците со лековите и болестите поврзани со топлината, всушност се фокусираме на три работи. Тоа се одмор, сенка и хидратација. Доколку си даваме доволно време за одмор, каде што е ладно и пиеме дополнителни течности, дури и оние со малку шеќер и електролити можат да направат голема разлика“, изјави д-р Закари Битингер – медицинскиот центар Векснер, државен универзитет во Охајо.

„Жешкото време е голем товар за здравјето на луѓето. Вчера самиот бев на смена и имавме многу пациенти, вклучувајќи луѓе кои дојдоа со срцев удар и болки во градите. Еден пациент всушност нè потсети на нешто важно – не се двоумеше и веднаш ја повика брзата помош. Мислам дека тоа е клучната порака: ако почувствувате болка во градите, силна вртоглавица или слабост со кои не можете сами да се справите, веднаш побарајте медицинска помош“, изјави Марис Лапшовс - специјализант по кардиологија, Универзитетска клиничка болница Паулс Страдинш.

„Многу мајки и постари лица мислат дека една шолја чај наутро е доволна течност. Не, драги луѓе. Запомнете дека под нормални околности треба да пиете најмалку еден до еден и пол литри течности дневно, а за време на топло време треба да пиете двојно повеќе. Затоа, нашиот главен совет е-ако имате васкуларна болест, ве молиме останете во сенка и пијте многу течности. И, исто толку важно, продолжете да ги земате лековите што ви ги препишал вашиот лекар“, изјави Даинис Криевињш, професор и васкуларен хирург - Универзитетска клиничка болница Паулс Страдинш.

Според податоците на СЗО, повеќе од 1.300 луѓе починале како последица на топлотниот бран во Европа од 21 јуни до сега. Експертите велат дека екстремните временски услови се предизвикани и од климатските промени.

 

Катерина Бојаџиева