Обвинителство

Поднесен обвинителен акт против директорот на ДИЗ

01.07.2026 13:43

По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Примање поткуп...

По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Примање поткуп.

Според обвинението, обвинетиот, како службено лице – директор на Државниот инспекторат за земјоделство, во март годинава директно побарал и прибавил значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши.

Обвинетиот вршел притисок да не се одобри увоз на вештачко ѓубриво на правно лице кое се занимавало со негово производство и увоз, иако истото и претходно повеќепати увезувало ваков вид стока. Притоа влијаел врз службено лице – фитосанитарен инспектор на граничен премин, да не го одобри влезот на стоката во државата, поради што таа неколку дена била задржана на граничниот премин.

На 13.03.2026 година обвинетиот во Свети Николе директно побарал поткуп во износ од 100.000 евра за одобрениот увоз и за идните увози на вештачко ѓубриво, при што побарал износот да биде исплатен во три рати.

На 19.03.2026 година, откако пријавителот преку сведок му ја предал првата рата од 50.000 евра, обвинетиот бил лишен од слобода при преземањето на парите од полициски службеници.

Со Обвинителниот акт е поднесен и посебен предлог за продолжување на мерката притвор против обвинетиот поради постоење на околностите заради кои истиот беше определен.