Македонија

Нов случај на врсничко насилство во скопски Аеродром

01.07.2026 15:29

Тепање, навреди и мобилни телефони. Ново видео со врсничко насилство го вознемири Скопје. Од обвинителството велат дека ја виделе снимката, но на неа нема податоци кога е направена, ниту кои се лицата што се инволвирани во настанот. Од МВР потврдуваат дека ќе постапат по допрен глас...

Нов случај на врсничко насилство во скопски Аеродром. Ученичка од седмо одделение била брутално тепана, кубена за коса и понижувана, додека десетина малолетници го снимале насилството со мобилните телефони. За видеото кое осамна на социјалните мрежи се тврди дека е од вторникот вечер. Малолетничките кои го малтретираат девојчето користат погрдни зборови и ја прашуваат дали ќе пријави во полиција.

Од обвинителството велат дека ја виделе снимката, но на неа нема податоци кога е направена, ниту кои се лицата што се инволвирани во настанот. Според информации објавени во дел од медиумите, случајот бил пријавен во полициска станица откако видеото станало вирално и почнало да се шири меѓу врсниците. Од МВР потврдуваат дека ќе постапат по допрен глас.

„Во врска со случајот за кој прашувате ве известуваме дека СВР Скопје презема мерки по допрен глас за утврдување на идентитетот на лицата и за целосно расчистување на случајот. Се повикуваат сите осомничени во врска со предметниот настан, а веќе е извршен разговор со жртвата во присуство на родител и известен е јавен обвинител“, велат од МВР.

Последните истражувања за минатата година укажуваат дека булингот или врсничкото насилство останува сериозен предизвик во училиштата низ земјава. Според податоците, 23 насто од младите на возраст од 13 до 15 години биле жртви на булинг од соученици најмалку еднаш таа година.

Анита Димитријевска – Велковска