Се расчистуваат штетите од погодените подрачја
Вчерашното невреме кое го зафати Скопје, за среќа без човечки жртви, од Центарот за управување со кризи информираа дека на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 пристигнале пријави од граѓани за поплави, паднати дрвја и блокирани патишта...

Дожд, грмежи, поплавени домови и улици, проблеми во сообраќајот. Ова е епилогот од вчерашното невреме кое го зафати Скопје, за среќа без човечки жртви, од Центарот за управување со кризи информираа дека на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 пристигнале пријави од граѓани за поплави, паднати дрвја и блокирани патишта, при што мобилизиран беше кризниот штаб на градот Скопје, а на терен излегоа околу илјада вработени од јавните претпријатија.
Дождот предизвика главоболки и во Куманово. Пријавени се поплавени подрумски простории на неколку сообраќајници во градот. Во полошкиот регион, најкритично беше во селото Нераште во општина Теарце. Водата навлегла во неколку куќи и подруми, предизвикувајќи материјална штета.
Прекини во сообраќајот и штети на возила регистрирани се и во велешкиот и струмичко-радовишки регион, мерењата на управата за хидрометеоролошки работи покажуваат дека најмногу дожд во изминатите 12 часа наврнал во скопското село Црешево, 74 литри на квадратен метар. Веднаш по Црешево е Гази Баба со измерени 44 литри, Крива Паланка со 29 и Берово со 22 литри воден талог на квадратен метар.
