Енергетика

Божиновска- Солстром: Нови инвестиции и партнерства во енергетиката

02.07.2026 10:23

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и шведскиот амбасадор Ола Солстром разговараа за продлабочување на соработката во енергетиката, зелената транзиција и инфраструктурните проекти. На средбата беше истакнат интересот на шведски компании за инвестирање во македонскиот енергетски сектор и поддршката на Шведска за реформските процеси.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска оствари работна средба со амбасадорот на Кралството Шведска во земјава, Ола Солстром, на која беше потврдена добрата билатерална соработка и заедничката определба за нејзино понатамошно продлабочување, со акцент на енергетиката, инфраструктурата и зелената транзиција.

На средбата се разговараше за можностите за унапредување на соработката во областа на енергетската ефикасност, модернизацијата на енергетската инфраструктура и развојот на паметни енергетски решенија, области во кои Шведска има значајно искуство.

Божиновска истакна дека Владата останува посветена на модернизација на енергетскиот систем, зголемување на учеството на обновливите извори на енергија и создавање одржлив и конкурентен енергетски сектор.

„Нашата цел е современ, ефикасен и одржлив енергетски систем кој ќе обезбеди сигурност за граѓаните и ќе создаде поволна клима за нови инвестиции. Шведското знаење, искуство и технолошки развој претставуваат значаен потенцијал за заеднички проекти и партнерства кои ќе придонесат за побрза енергетска трансформација на Македонија“, изјави Божиновска.

Амбасадорот Солстром ја повтори подготвеноста на Шведска да продолжи да ја поддржува Македонија во реформските процеси и посочи дека голем број шведски компании внимателно ги следат случувањата во македонскиот енергетски сектор, препознавајќи потенцијал за нови инвестиции и економска соработка.

Тој оцени дека постојат реални можности за проширување на присуството на шведските компании на македонскиот пазар, особено во проекти поврзани со енергетската ефикасност, модерната инфраструктура и зелените технологии.

На крајот од средбата, двајцата соговорници ја потврдија заедничката определба за интензивирање на билатералната соработка и развој на конкретни партнерства во областа на одржливата енергија, инфраструктурниот развој и спроведувањето на енергетските реформи.