Божиновска: Енергетската безбедност не познава граници – регионот мора да се поврзе и да настапува како еден енергетски систем
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска во Приштина учествуваше на Неформалниот министерски совет на Енергетската заедница, каде што министрите од регионот, претставници на Европската комисија и Секретаријатот на Енергетската заедница разговараа за забрзаната интеграција на земјите од Западен Балкан во европскиот пазар на електрична енергија и природен гас, за енергетската безбедност и зајакнувањето на регионалната соработка.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска во Приштина учествуваше на Неформалниот министерски совет на Енергетската заедница, каде што министрите од регионот, претставници на Европската комисија и Секретаријатот на Енергетската заедница разговараа за забрзаната интеграција на земјите од Западен Балкан во европскиот пазар на електрична енергија и природен гас, за енергетската безбедност и зајакнувањето на регионалната соработка.
Во своето обраќање, министерката Божиновска истакна дека енергетската безбедност денес е прашање на заедничка одговорност и дека само преку поврзување на инфраструктурата, усогласување на политиките и заеднички инвестиции регионот ќе може успешно да одговори на идните предизвици.
„Нашата долгорочна визија е јасна – целосно интегриран регионален енергетски систем кој ќе ги поврзе електроенергетските, гасните и идните водородни мрежи. Од диверзификација до декарбонизација, од интерконектори до заеднички пазари – регионот мора да функционира како еден интегриран енергетски систем. Македонија забрзано се интегрира во европскиот енергетски пазар преку нови интерконектори, регионална соработка и зелена транзиција“, порача Божиновска.
Министерката нагласи дека Македонија веќе презема конкретни чекори за зајакнување на енергетската сигурност преку диверзификација на изворите на снабдување и реализација на клучни инфраструктурни проекти. Во таа насока, таа информираше дека гасниот интерконектор со Грција треба да биде завршен до 2027 година, додека интерконекторот со Србија се движи кон фаза на реализација со очекувано завршување околу 2028 година. Овие проекти ќе овозможат пристап до нови извори на природен гас, вклучително и течен природен гас (LNG) преку Грција, со што значително ќе се зголеми сигурноста, флексибилноста и отпорноста на енергетскиот систем.
Дополнително, на Министерскиот совет беше поздравен напредокот што Македонија го постигна во усогласувањето со европското енергетско законодавство, како дел од процесот за интеграција во единствениот европски пазар на електрична енергија. Министрите ја нагласија важноста од навремено завршување на овој процес, кој ќе овозможи уште посилно поврзување на националните пазари со европскиот енергетски систем.
Министерката испрати јасна порака дека иднината на енергетиката во регионот зависи од заедничкото делување, а денешниот министерски состанок испратил силен сигнал дека сите земји од регионот ја делат истата визија – поголема енергетска безбедност, посилна регионална поврзаност и побрза интеграција во европскиот енергетски систем.
На состанокот беше потенцирана потребата од забрзана диверзификација на изворите на снабдување со природен гас, зајакнување на регионалните интерконекции и координирани политики за поголема отпорност на енергетските системи. Како една од клучните поуки од последните геополитички кризи, кои предизвикаа сериозни ценовни шокови и директно влијаеја врз буџетите на граѓаните, беше нагласена потребата Европа и регионот да го зголемат производството на енергија од сопствени извори и да ја намалат зависноста од надворешни снабдувачи. Во тој контекст, министрите оценија дека инвестициите во нова енергетска инфраструктура, домашните производствени капацитети и регионалната солидарност ќе бидат клучни за стабилно, сигурно и долгорочно одржливо снабдување со енергија.
