Расте бројот на жртви во масовниот напад врз Киев
Москва тврди дека нападот бил исклучиво врз воени цели...

Бројот на жртви во масовниот напад врз Киев се искачи на 27. Москва тврди дека нападот бил исклучиво врз воени цели. Истовремено, Украина повторно побара од своите западни сојузници итна испорака на ракетни системи „Патриот“. Обединетите нации ги осудија нападите и повторија дека сите напади врз цивили и цивилна инфраструктура се јасно кршење на меѓународното хуманитарно право.
„Генералниот секретар остро ги осудува нападите со ракети и беспилотни летала извршени преку ноќ од страна на вооружените сили на Руската Федерација врз главниот град Киев и другите украински градови. Секој напад врз цивили и цивилна инфраструктура, каде и да се случи, е јасно кршење на меѓународното хуманитарно право и мора веднаш да престане. Генералниот секретар го повторува својот апел за итна деескалација, што ќе доведе до целосен, моментален и безусловен прекин на огнот“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ООН.
Во исто време, Генералштабот на украинската армија објави дека погодиле рафинерија за нафта во Русија, како и комплекс за контрола на руски беспилотни летала во делот од Запорошката област контролиран од московските трупи.
